Студен бран со снег и ниски температури ја зафати земјава, најстудено на Попова Шапка

12

Студен бран проследен со обилни врнежи од снег и ниски температури ја зафати земјава. Според последните податоци од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), изутринава најниска температура е измерена на Попова Шапка – минус 4 степени, каде што висината на снежната покривка достигна 31 сантиметар.

И на Јутјуб-каналот на Здружението за промоција на македонски ски-центри „Ски Македонија“, каде што се емитува видео во живо од Попова Шапка, може да се забележи нова снежна покривка.

Освен на Попова Шапка, од видеата во живо на каналот на „Ски Македонија“ се гледа дека и во другите скијачки центри има снег, а во дел од нив и утринава провејува.

Од Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) информираат дека поради обилни снежни врнежи на патниот правец Тетово – Попова Шапка од 9:25 часот е воведена забрана за сообраќај за автобуси, додека за автомобилите е задолжителна зимска опрема.

Снежна покривка има и во дел од градовите. Во Крива Паланка, според УХМР, наврнале два сантиметри снег. И Тетово утринава се разбуди под снег, а снежни врнежи се забележани и во Скопје.

Од УХМР најавуваат дека денеска времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од снег, а во пониските места од дожд и снег. Ќе дува умерен, а наместа и засилен северозападен ветер, со брзина над 60 километри на час.

Македонски