Голомразица и опасни услови на патиштата: Апели за внимателно возење, две лица загинаа во близина на „Бигорски“
Поради појава на заледени површини на патиштата низ земјава, надлежните институции упатија апел до возачите за зголемена внимателност и прилагодување на возењето кон зимските услови.
Доцна синоќа беше издадено предупредување за врнежи од ледени зрна, кои предизвикаа брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели и на одделни патни правци.
„Се апелира до сите учесници во сообраќајот да ја прилагодат брзината на движење, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема“, соопштија од Центарот за управување со кризи.
Интензивни врнежи од снег синоќа беа регистрирани на Попова Шапка, каде од 21:00 часот е воведена задолжителна употреба на зимска опрема, односно ланци, на патниот правец село Лисец – Попова Шапка, информираа од Авто-мото сојузот на Македонија (АМСМ).
Центарот за управување со кризи извести и за тешко проодни патишта во западниот дел од државата. На бројот 112 биле пријавени повеќе случаи на заглавени возила, како и едно излетување од пат.
Две лица загинаа во близина на Бигорски манастир
Тешка сообраќајна несреќа се случи вчера во близина на манастирот „Св. Јован Бигорски“, кога патничко возило излета од патот и заврши во реката Радика. Во несреќата загинаа возачот и сопатникот.
„На 02.01.2026 година во 15:50 часот во ОВР Гостивар е пријавена сообраќајна незгода на регионалниот пат Маврово – Дебар, при што патничко возило ‘Фолксваген Бора’ со гостиварски регистарски ознаки изгубило контрола и паднало во реката Радика. Две лица го загубија животот“, соопштија од МВР.
Поради извлекување на возилото, сообраќајот на регионалниот пат Маврово – Дебар беше привремено во прекин, а подоцна нормализиран.
Надлежните укажуваат дека иако на коловозите немало снег, комбинацијата од заледен дожд, студен и силен ветер создала таканаречен „невидлив мраз“, што значително ја зголемило опасноста од незгоди.
АМСМ: Патот кон ХЕЦ Козјак затворен
АМСМ информира дека патот кон ХЕЦ Козјак е непрооден поради голомразица. Воедно, се потсетува дека од 15 ноември 2025 година до 15 март 2026 година важи законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во сите возила.
Интензитетот на сообраќај надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања.
Од АМСМ апелираат на внимателно управување со возилата, особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево, каде постои ризик од лизгави коловози и одрони.
Временска прогноза: потопло со јужен ветер
Според УХМР, денеска времето ќе биде променливо облачно, со повремени врнежи од дожд во западните делови и снег на повисоките планини. Ќе дува умерен, а на места засилен јужен ветер. Минималните температури ќе се движат од -8 до 1 степен, а максималните од 6 до 12 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со услови за слаб дожд и умерен јужен ветер, со температура до 8 степени.
Од УХМР најавуваат дека и во наредните денови, под влијание на циклонска активност, ќе има променливо време со повремени врнежи и постепен пораст на температурите.