Воени бази во Каракас и главното венецуелско пристаниште беа погодени во американски напади врз Венецуела извршени рано изутрината.
Давид Смолански, портпарол на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо, изјави за „Си-Би-Ес њуз“ дека меѓу погодените цели се Фуерте Тиуна – главната воена база во Каракас, Ла Карлота – главната воздухопловна база во главниот град, Ел Волкан – сигнална антена, како и Ла Гваира – главното морско пристаниште на карипскиот брег.
Американски официјални претставници претходно за „Си-Би-Ес њуз“ потврдија дека претседателот Доналд Трамп наредил напади врз повеќе локации во Венецуела, вклучително и воени објекти.
Неколку силни експлозии одекнаа рано изутрината во Каракас, а сведоци пријавија и авиони кои летале на мала височина над градот.
Претседателот на Венецуела, Николас Мадуро, прогласи вонредна состојба во земјата. Од неговиот кабинет соопштија дека биле нападнати главниот град Каракас, како и регионите Миранда, Арагуа и Гуара.
Венецуелските власти за нападите директно ги обвинија САД, истакнувајќи дека „Венецуела ја отфрла американската агресија“.
„Целта на американскиот напад е да ни ја одземе нафтата и природните ресурси. Сепак, САД нема да успеат да ни го одземат богатството“, се наведува во соопштението на венецуелската влада.
Властите ги повикаа сите политички и општествени сили во земјата на мобилизација.
Во меѓувреме, Федералната администрација за воздухопловство на САД (ФАА) им забрани на американските комерцијални авиопревозници да летаат над Венецуела, поради, како што наведуваат, „ризици за безбедноста поврзани со тековната воена активност“.
Забраната стапи на сила од 07:00 часот утрово по средноевропско време и ќе важи до утре во 08:00 часот, а не се однесува на странски или воени авиони.