Драматична ноќ во Хрватска: Голем пожар во објект на CIAK кај Забок, граѓаните добија итно предупредување
Голем пожар избувна синоќа, на 12 декември околу 23 часот, во објект на компанијата CIAK во местото Губашево, во близина на градот Забок, Хрватска. Компанијата се занимава со складирање и третман на опасен отпад, а пожарот предизвика сериозна загриженост кај локалното население.
Во гаснењето учествуваа повеќе противпожарни екипи, при што во еден момент на терен беа ангажирани над 60 пожарникари. CIAK во индустриската зона располага со хали и погон за рециклирање акумулатори.
Претседателот на Противпожарната заедница, Стјепан Скулибер, за порталот Zagorje.com изјави дека пожарот бил локализиран околу 2:30 часот по полноќ.
„Пожарот сè уште не е целосно изгаснат, но е под контрола. На терен останаа седум пожарникари со три возила. Во текот на утрото ќе следи смена на екипите и догасување од внатрешноста на објектот, бидејќи досега интервенцијата се одвиваше однадвор“, изјави Скулибер.
Итно предупредување до граѓаните
Поради можната опасност по здравјето, околу 3:30 часот по полноќ жителите на Загорје добија итна порака преку системот HR112 ALERT. Предупредувањето беше испратено на англиски и германски јазик, а преку СМС и на хрватски.
„Пожар во складиште на CIAK во Забок. Затворете ги прозорците и не се приближувајте до местото на пожарот. Следете ги упатствата на надлежните служби“, соопшти Дирекцијата за цивилна заштита на Република Хрватска.
Се мери квалитетот на воздухот
Откако пожарот беше ставен под контрола, надлежните служби се фокусираа на квалитетот на воздухот. Експерти од Наставниот завод за јавно здравје „Д-р Андрија Штампар“ извршија мерења на самото место, како и во Забок, Орославје и Велико Трговиште.
Резултатите од анализите се очекуваат во текот на денот и ќе бидат официјално соопштени од градоначалничката на Забок, Валентина Ѓурек, која синоќа беше присутна на местото на пожарот. Таа потврди дека дел од горната конструкција на објектот е урнат, но засега нема прецизни податоци за вкупната материјална штета.